Македонија
7. July 2026 - 16:31

Статистика измери инфлација од 3,4% во јуни, Пазарна констатира зголемени профитни маржи кај трговците

Годишна инфлација од 3,4 отсто во јуни измери државната статистика. Индексот на цени на мало пак, во истиот период бележи раст од 3,6%. Најголемо зголемување на цените  има кај алкохолот и тутунот, над 9 отсто како и кај транспортот – над 6. Храната за една година се продава поскапо за 2,5% .

-Ако се споредат бројките со претходниот месец, забележана е дефлација од 0,5 отсто, што преставува позитивен сигнал за стабилизирање на цените и намалување на трошоците за живот на граѓаните, велат од министерството за економија. Намалувањето на цените е евидентирано кај храната и безалкохолните пијалоци, како и кај транспортот, ставки кои имаат најголемо влиание врз семејниот буџет.

Од Државниот пазарен инспекторат пак, информираат  дека при крај е нивната месечна анализа, а бројките покажуваат дека дел од производите поскапеле од  2,5 до 3%, додека  поевтино се продаваат овошјето и зеленчунот. Она што го констатирале инспекторите на терен е дека растот на малопродажните цени не се должи само на на повисоките набавни цени, туку на повисоката маржа  кај трговците.

Иако набавните цени кај одредени производи се намалиле, продажните останале исти. Таквото однесување маркетите го правдале со зголемените транспортни трошоци и повисоките плати на вработените. Оваа анализа треба да биде готова до крајот на неделата, но бројките се слични на мајските, велат од ДПИ

-Тогаш пазарна констаирала дека  просечните набавни цени на основните прехранбени производи, средствата за хигиена и производите за бебиња се зголемени за 2,66%, додека просечните продажни цени пораснале за 4,56%. Во истиот период, просечната бруто профитна маржа е зголемена за 1,88 процентни поени.

Сега за сега, нема санкции против нив, ниту мерки за заштита на стандардот на граѓаните. Но ако се утврди нарушување на пазарот и неоправдано згоелмување на цените, ќе реагираат,  велат од  министерството за економија.