Владата почна постапка за доделување концесии за испитувања за металични минерали
Владата почна постапка за доделување концесии за геолошки истражувања на металични минерални суровини на Истокот од државата. Одлуката е објавена во Службениот весник, а опфатени се 27 општини – од Куманово до Гевгелија.
-Концесијата за вршење на проспекциски геолошки истражувања за металични минерални суровини се доделува со цел откривање на нови локалитети перспективни за понатамошни детални геолошки истражувања како и откривање на нови наоѓалишта на металични минерални суровини, се вели во одлуката на Владата.
Владината одлука ги дигна на нозе екологистите од дел од засегнатите општини. Од „Здрава колтина“ се сомневаат дека на мала врата се отвора простор за отворање рудници кои би имале штетни последици врз животната средина. Најавуваат отпор, иако засега немаат донесено одлука дали ќе излезат на протести.
-Најбитното прашање е секако еколошкото прашање и главното е тоа што не буди нас и што се организираме тука во Југоистокот, па и подалеку, и пошироко за да правиме масовен отпор на ова доста-доста сериозно прашање. Веќе девет години се занимаваме со ова темата. Ги знаеме сите подробности за тоа што е рудник, колку е штетен, колку илјадници години ќе биде неговото негативно влијание врз природата, вели Стојан Велков од „Здрава котлина“.
Сега Министерството за енергетика ќе има рок од 360 дена да формира Комисија за спроведување на постапката која ќе одлучува кој ќе ги добие концесиите. Концесија ќе се доделува преку тендерска постапка и јавен повик, а понудувачите ќе мора да ги исполнат условите пропишани во нив.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
