Ќе се деминира трасата на автопатот од Прилеп до Битола
Здружението на пиротехничари и деминери „стоп на неексплодирани мини“ од Струмица во иднина ќе добива директна поддршка и логистика од државниот Центар за разминирање на Република Србија, за што беше потпишан и меморандум за соработка. Оваа соработка и искуства ќе помогнат и да се забрза чистењето на македонскиот терен од опасни експлозивни средства.
За домашните пиротехничари и деминери ваквата поддршка од етаблирана државна институција претставува голем чекор напред, пред се во изработката на мапа на ризичните места бидејќи Македонија е единствената земја во регионот која се уште нема ваков клучен документ.
Според претседателот на здружението, Ефтим Митров искуствата на нивните колеги од странство се од голема корист, бидејќи Македонија во моментов значително заостанува зад земјите во регионот во чистењето на теренот од неексплодирани средства.
Дека ваквите меѓународни соработки веќе даваат резултати потврдува и тоа што за помалку од еден месец струмичките пиротехничари, заедно со колеги од Босна и Хрватска започнуваат заедничка акција за деминирање на трасата на автопатот Прилеп-Битола. Според проценките на стручњаците, трасата е високоризична бидејќи минува низ Солунскиот фронт од Првата светска војна.
Појасот широк околу 10 километри се протега од Струмица преку Мариово и Битола до Галичица и се уште останува најкритичната точка во земјата.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
