Македонија
9. July 2026 - 12:18

Кошмар во Штип, додека спиеле багер им срушил дел од куќата

Мирната ноќ за браќата Сефери од Штип за само неколку секунди се претворила во вистински кошмар. Во раните утрински часови, непознат сторител со багер удрил во нивниот дом, а веднаш потоа избегал од местото. Инцидентот се случил само пет минути пред четири часот, додека двајцата браќа спиеле во куќата. Џингис Сефери вели дека во првиот момент не знаеле што се случува.

Гласното тропање на прозорците и телефонските повици од соседите ги разбудиле и ги натерале веднаш да излезат надвор. Тогаш сфатиле дека дел од нивната куќа веќе е оштетен од ударите на багерот.

-Ние спиевме во куќата. Живееме со брат ми. Не разбудија соседите кои почнаа да ни тропаат на џамот и ни звонеа на мобилен, викајќи: „Станувајте брзо, ви ја срушија куќата.“… Не е ни од Бога, како што се вели. Удрено е двапати со корпата и право избегал, изјави Џингис Сефери

Според него, вистинска среќа е што багерот удрил во просторија која не се користи за живеење. Сефери тврди дека куќата не е дивоградба и дека нема никакви сознанија зошто некој би се решил на ваков чин. Сега, покрај стравот што го преживеале, ќе мора да се справуваат и со значителната материјална штета.

-На двете соби ми се оштетени таваните. Да речеме, имам околу 50 отсто оштетување на таваните, додаде Сефери.

По пријавата, на местото пристигнаа полициски екипи и инспектори од Општина Штип, кои извршија увид. При контролата било утврдено дека објектот не е евидентиран со сопственик, а браќата Сефери не поседуваат документација за сопственост. Истражните органи работат на идентификување на сторителот и утврдување на мотивите за овој несекојдневен инцидент, кој предизвика вознемиреност кај жителите од населбата.