Македонија
12. July 2026 - 16:38

Власта и опозицијата се обвинуваат кој не сака нов Изборен законик

Опозицијата, предводена од СДСМ, Левица и ДУИ, не се бори за подобар Изборен законик, туку за да нема Изборен законик, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ, на три дена пред истекот на рокот за донесување на новите изборни правила, со цел тие да влезат како исполнета обврска од Реформската агенда. Уште еднаш ја повикуваат опозицијата да ги надмине разликите околу гласањето на дијаспората, изборните единици и рекламирањето во изборната кампања.

Од СДСМ, пак, возвраќаат дека одбивањето на премиерот Мицкоски електронското гласање или гласањето по пошта на дијаспората да се изземе од овие измени на Изборниот законик, а за тоа да расправа експертска комисија до 2028 година, е доказ дека власта не сака овој закон да биде донесен.

И од Левица обвинуваат дека е несериозно што владејачкото мнозинство се повлекува од процесот и сопствената одговорност се обидува да ја префрли врз опозицијата. Сепак, велат дека нема да дозволат оваа ситуација да биде искористена како нов изговор за пропаѓање на неопходните изборни реформи и дека утре ќе побараат опозициски состанок.

Затоа, во понеделник иницираме координативна средба на сите опозициски политички субјекти, на која ќе се направи обид да се усогласат ставовите и да се формулира заеднички предлог што ќе биде доставен до владејачкото мнозинство. За Левица, суштината на овие разговори е една изборна единица – реформа што конечно ќе обезбеди еднаква вредност на секој глас, ќе ги намали изгубените гласови и ќе овозможи Собранието пореално да ја отсликува волјата на граѓаните“, коментираат од партијата на Апасиев.

Засега ниту една опозициска партија не одговорила на повикот на Левица.

Измените на Изборниот законик, кои беа усогласувани меѓупартиски преку работно тело во Министерството за правда, беа блокирани со речиси 14 илјади амандмани од СДСМ, Левица и Лигата на Села.

Доколку, сепак, се најде политички компромис до среда и измените бидат усвоени во Собранието, Европската Унија ќе ѝ додели дополнителни четири милиони евра од Планот за раст.