Дополнетиот ребаланс на буџетот на пленарна седница
Дополнетиот Ребаланс на буџетот влезе на Пленарна седница во Собранието. За опозицијата е признание за слаб институционален капацитет, за власта, пак, средствата од ребалансот се за реализација и комплетирање на сите планирани и почати капитални проекти.
Првата финансиерка, Гордана Димитриеска Кочоска образложувајќи го ребалансот пред пратениците кажа тој е одговор на предизвиците што ги носи неизвесноста на глобално ниво и континуитетот на развојните политики што даваат резултат.
Кризата во Персискиот залив, според неа, наметнала потреба од ревидирање на иницијалните проекции на буџетот со цел обезбедување на средства за на најприоритетните обврски.
-Дополнетиот предлог за измени и дополнување на Буџетот за 2026 е навремено и одговорно усогласување на буџетските проекции со новите економски околности. Како и за обезбедување средства за исполнување на законските обврски кои во меѓувреме се случија, како и реализација на развојните приоритети согласно степенот на нивната реализација. Со овие измени обезбедуваме средства за исплата на зголемени плати во секторите кадешто е предвиден раст, дополнителна поддршка за земјоделство, повеќе средства за социјална заштита и за општините. Она што особено го издвојува овој ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус и реализација на инфраструктурните проекти, рече Димитриеска Кочоска.
Од опозициската СДСМ велат дека иако Ребалансот се претставува како развоен документ, зад зборовите „инвестиции“ и „стабилност“ стојат нови задолжувања, поскапи камати, недовршени проекти, одложени фактури. Пратеникот Фатмир Битиќи вели овој ребаланс е најслаб таму кадешто развојната политика треба да е најсилна – кај домашните компании, индустријата и продуктивната економија.
-Има уште еден важен сигнал во Ребаланс, а тоа дека слабее приходната основа на државата. Даночните приходи наместо да се зајакнуваат, се ревидираат надолу. Од 214,1 милијарда на 213,2 милијарди денари. Истовремено, неданочните приходи растат од 29 милијарди на 31 милијарди денари. Имаме политички парадокс. Владата бара доверба од граѓаните, но не покажува доверливост во сопствените бројки. Бара поддршка од Собранието, но не покажува капацитет да ја одбрани првичната рамка која сама си ја предложи. Уверува дека економијата оди напред, а приходната страна се потпира на неданочни приходи, донации и задолжувања, вели Битиќи.
Уште пред да почне седницата во Законодавниот дом, Левица соопшти дека нема да го поддржи Ребалансот бидејќи не им биле прифатени амандманите кои претходно ги доставиле.
Претресот по дополнителниот ребаланс на Буџетот на Пленарна седница во Собранието може да трае најмногу до три дена.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
