Македонија
29. July 2026 - 16:39

ДКСК го оспорува предлог-законот за „Скопје – Европска престолнина на културата“

Законот за проектот што треба да го стави Скопје на европската културна мапа е спорен за антикорупционерите. Предлогот на групата пратеници кој предвидува Град Скопје да формира посебна фондација која нема да има обврска да го применува законот за јавни набавки за ДКСК е неприфатлив. Антикорупционерите реагираат дека прескокнувањето на системските закони претставува директна закана за трошењето на јавните пари.

 – Секое законско решение со кое се предвидува исклучување или ограничување на примената на системските закони особено Законот за јавните набавки мора да биде јасно, детално и убедливо образложено. Транспарентноста, еднаквиот третман и слободната конкуренција не смеат да се доведат во прашање, независно од значењето на проектот. вакви и др слични закони треба задолжително да се поднесуваат до ДКСК

Со обвинувања излегоа и од опозициската СДСМ. Оттаму бараат итно повлекување на како што го нарекуваат овој криминален закон тврдејќи дека тој претставува директна легализација на корупцијата. Според СДСМ, се подготвува терен за 21 милион евра јавни пари да се трошат без тендери и без контрола преку ново предвидената фондација. 

Законот кој треба да се носи по скратена постапка иако беше ставен на седница за денеска сега е тргнат но не е целосно повлечен. Од владејачката партија велат ова го направиле на барање на опозицијата со цел да се надминат одредени несогласувања. 

Реагираа и од ЛДП, тие предупредија дека простото симнување од точката од денешната седница не било доволно и бараат целосно повлекување. 

- Договорот зад затворени врати не смее да послужи само како маневар за купување време и за подоцнежно прошверцување на истиот коруптивен модел. Тоа сценарио сме го виделе порано. Текстот мора веднаш да се повлече, да се стави на јавна консултација преку ЕНЕР и во него задолжително да се вратат сите системски механизми за транспарентност и јавни тендери.

Претходно за овој закон реагираше и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата кои побараа итно повлекување бидејќи со овој закон се даваат огромни дискрециони овластувања на градоначалникот.  На почетокот од 2026 Град Скопје објавија првични повици за културни и уметнички проекти, но поради доцнење во подготовката и институционалната структура европските мониторинг тела претходно побараа забрзување на процесите и јасна законска рамка. Проектот се проценува на над 20 милиони евра. Над 95 отсто од тие средства се јавни пари, од буџетот на владата, Град Скопје и скопските општини. За директор на проектот е назначен Марјан Цветковски, доскорешниот директор на МРТ.