Македонија
4. August 2026 - 16:31

Нов сомнителен случај западнонилска треска на Инфективна - на клиниката се хоспитализирани 17 пациенти

Уште еден повозрасен скопјанец со симптоми на западнонилска треска утринава е примен на Инфективна. На Клиниката поради компикации од вирусот кој го пренесуваат комарците хоспитализирани се вкупно 17 пациенти, тројца се уште се во критична состојба и на апарати за дишење. Според клиничката слика сите имале воспаление на мозокот и мозочните обвивки од вирусно потекло, иако кај 6 –мина ПЦР тестовите биле негативни.

- ПЦР-технологијата не е златен стандард за дијагностицирање на невроинвазивната форма на западнонилската треска и затоа тие пациенти се подложени на дополнителни лабораториски испитувања и се лекуваат како пациенти со западнонилска треска, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.

Сите пациенти кои се на болничко лекување на Инфективна со западнонилска треска се лица над 60 години со други хронични заболувања и затоа развиле потешка форма на болеста.

- Инкубацијата на болеста трае до 14 дена. Никој не може однапред да предвиди како ќе се развива болеста во поединечен организам. Тоа што се знае досега е дека најподложни на потешка форма се повозрасните лица. Сите пациенти што се хоспитализирани кај нас се постари од 60 години и имаат придружни заболувања, рече д-р Цана

Според директорот на Инфективна, многу висока температура, треска, силна главоболка, замор, малаксаност се дел од симптомите на западнонилската вирусната инфекција. Кај околу 80 проценти од лицата кои се каснати од заразен комарец болеста поминува лесно и без никакви симптоми. Инаку годинава има најмногу вкупно 13 потврдени случаи и сите се од Скопје.