Македонија
25. August 2026 - 17:42

200 паралелки помалку во основно, 100 во средно – Јаневска најави и затворање на 26 рурални училишта

Околу 14.500 првачиња досега се запишани во основните училишта, вели министерката за образование Јаневска. Сепак, бројката не е конечна, бидејќи уписите продолжуваат во текот на август и септември.

Во основното образование има околу 200 паралелки помалку, а во средното околу 100.

Годинава се очекува да бидат затворени околу 26 рурални училишта во кои нема запишано првачиња и има исклучително мал број ученици. Таквите паралелки ќе останат само таму каде што нема друга можност. 

„Ако мораме значи дека училиштето се наоѓа, да речеме, над 20 километри или над 15 километри оддалечено од првото најблиско училиште. Ако патиштата по коишто се патува се несоодветни, недостапни, децата треба премногу време да потрошат цел ден во пат — тоа не е соодветно, особено не за малите деца од прво до трето одделение или еве и до петто одделение. Тогаш ќе го спроведуваме ова и тоа го прават и други земји. И е оправдано“, рече министерката. 

Но, ако на неколку километри има централно училиште со значително поголем број ученици, Јаневска смета дека нема логика децата да останат во мало училиште.

Во меѓувреме, министерката смета дека намалувањето на цените на школскиот прибор за 15 проценти е соодветна мерка и ќе им помогне на родителите.

„Државата го прави тоа што може да го направи. Не заборавајте дека образованието основно и средно е, нели, обврзно, но и бесплатно. Добиваат учебници учениците, тоа е помош на родителите. Добиваат превоз учениците, што е исто така помош на родителите. Општините обезбедуваат електронски уреди, обично се тоа таблети — значи сите општини тоа го прават. Одреден број на општините обезбедуваат ужина и храна“, вели Јаневска. 

Учениците новата учебна година ќе ја започнат со обезбедени учебници. Тие веќе се дистрибуирани и се наоѓаат во училиштата.