Голем пожар во околината на Градско – Сите сили фокусирани на ова жариште
Голем пожар во околината на Градско. Огнот кој се протега меѓу селата Горно и Долно Чичeво ги мобилизираше сите сили на институциите. Избувна на пладне, но пожарникарите ја изгубија почетната контрола врз него, па на помош стигнуваат сите воздушни сили со кои располагаме – трите ер трактори, како и полицискиот хеликоптер.
„Се работи за барут сува трева која е на голема површина. Пожарникарите се бореа но останаа без вода. Сега се обидуваат да ги заштитат блиските овоштарници и лозјето. На помош пристигнуваат и четири огнени тимови на ДЗС со пинц-гауери“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Втор пожар којшто и денеска е меѓу најкритичните е оној на Китка, кај село Палиград. И таму пожарникарите водат тешка битка.
Според последниот пресек на ЦУК, гори и во гостиварско Трново, над село Нежилово. Активен оган има и во село Дренак и во село Зајас каде гори стрниште.
Ниту временската прогноза не оди в прилог на пожарникарите. Од УХМР денеска предупредија на екстремно високи температури низ целата државата. Но колку може оваа институција да им помогне на оние кои се борат со пожарите.
И додека пожарникарите се обидуваат да ги згаснат активните жаришта, вчерашниот ден повторно се заокружува со триесетина пожари на отворен простор.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
