Македонија
29. August 2026 - 16:28

Успешна туристичка сезона во Дојран

Иако туристичката сезона официјално се уште трае, Дојран почна да ги сумира првичните резултати. Според сите досегашни показатели на локалните власти, овој туристички центар ќе заврши уште една успешна година во која се исполнети планираните проекции.

Официјални податоци за бројот на гости  се уште нема, но се очекува да биде задржан просекот од минатите години од околу 100.000 ноќевања.

Градоначалникот Илија Тентов  вели дека годинава локалната самоуправа реализирала голем број проекти и содржини за сите посетители. Главниот фокус бил ставен на отстранување на забелешките од претходните години, со посебен акцент на уредувањето на плажите, подигањето на нивото на јавната хигиена и подобрувањето на водоснабдувањето во Стар Дојран.

И годинава, најбројни гости во Дојран беа македонските граѓани, но традиционално голем дел од ноќевањата беа реализирани и од транзитните туристи, пред се српски посетители.

Доколку летните температури продолжат и во текот на септември, од општина Дојран не ја исклучуваат можноста за продолжена туристичка сезона. Покрај езерото, како главни адути за привлекување на гостите ги наведуваат богатата гастрономска понуда и културно историските локалитети.