Шестмина хоспитализирани со западно-нилска треска на Инфективна, двајца во тешка состојба
Веднаш по исписот да се јави на Клиника за неврологија за контролен преглед и следење како и мислење за понатамошен физикален преглед. Ова го пишува во отпусните писма на поголем број на пациенти кои беа на лекување на Инфективна со тешка форма на западно-нилска треска.
Инфектолозите велат дека опоравувањето на лицата кои беа со невроинвазивна форма на болеста ќе трае со месеци поради можноста од појава на дополнителни невролошки симптоми.
-Тие пациенти може после исписот, особено тие што биле на интензивно лекување да имаат уште симптоми и процесот на опоравување може да трае со месеци. Тие треба да бидат следени, и по индикација да бидат прегледани од невролог, изјави Д-р Фадил Цана, директор на Клиника за инфективни болести.
Во моментот на Инфективна се хоспитализирани 6 пациенти од кои двајца се сомнителни на вирусот и за нив се чекаат лабораториски анализи. Двајца се на респиратор и на одделот за интензивна нега. Министерот за здравство вели дека состојбата со западно-нилска треска стивнува, но не може целосно да се предвиди.
-Сметам дека епидемијата се стивнува бидејќи последните две недели имаме по два регистрирани случаи. Меѓутоа, морам да кажам дека точни закономерности не постојат во оваа епидемија. Три пронајдени мртви птици гаврани со вирус се во општини каде што немаме ниту еден случај со западно-нилска треска. Два се во Карпош и еден во Ресен, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.
Во земјата се регистрирани 58 случаи на западно-нилска треска од кои 46 се мажи а 12 жени. Осум ја изгубија битката поради компликациите од вирусот и сите беа над 60-годишна возраст.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
