Oпозициски прашања во Собранието
Отсуството на дел од министрите од владиниот кабинет на седницата за поставување на опозициски прашања предизвика бурни реакции од опозиционерите. Обвинуваат дека несериозно е што министрите не го почитуваат Собранието одбегнувајќи одговори на нивните прашања. Мнозинството пак забележува дека се држат говори и навреди за министри кои не се присутни во салата.
Во фокусот на опозициските прашања се најде образованието. Обвинија за затворени училишта, оптимизација на наставниците, а СДСМ бараат одговорност од Јаневска и за доцната реконструкција на училиштето Киро Глигоров, поради што дел од учениците се уште следат онлајн настава. Учениците од Центар најдоцна за една недела треба да се вратат на настава со физичко присуство, врати Јаневска.
По прашање од Левица, вицепремиерот Николоски од говорницата во Собрание го повика обвинителство да го разгледа ревизорскиот извештај за ЈП „Македонија пат“ и кривичната пријава за работењето на претходното раководство, кое го заглавило претпријатието во огромни долгови.
Пратеничката група на СДСМ повторно го поднесе законот за зголемување на минималната плата на 600 евра, а од говорница побараа и конкретни мерки за граѓаните. Ресорниот министер им врати дека се грижат за животниот стандард.
Албанската опозиција стави фокус на полагањето на правосудниот испит. Министерот најави средба со студентските здруженија.
Левица бара одговори од земјоделие за кризата со сипаниците кај овците и козите зошто не било реагирано превентивно и државата сама не набавила вакцини. Побара соодветно обесштетување за погодените сточари.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
