Сведоци за полицајците во „Пулс“: Одбиваа да помогнат на повредените
Полицајците кои за време на пожарот во „Пулс“ биле во дискотеката, не сакале да им помагаат на повредените, тврдеа денеска сведоци на судењето за 13мина полициски службеници кои одговараат дека не го спречиле активирањето на пиротехниката и не спровеле ред за непречен излез од објектот.
„Тоа не е моја работа“, одговорил униформираниот полицаец, кој како што кажа 19 годишниот Николче Ефремов, барал помош за да го спаси својот другар.
„Кај вратата имаше многу народ паднат на земја. Таму, затрупан со луѓе со беше и другарот Давид Костов. Имаше таму полицаец, го прашав дали може да ми помогне, ми кажа дека тоа не е негова работа“, кажа во судницата Ефремов.
Друг сведок пак кажа дека полицаец и се заканил дека ќе ја приведе ако продолжи гласно да го бара татка си кој после пожарот дошол пред дискотеката.
Според одбраната, сведоците биле конфузни – се сомневаат дека говореле исклучиво во корист на обвинението.
За родителите, исказите на сведоците биле јасни – присутните полицајци одбивале да помогнат во спасувањето.
Во меѓувреме, сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, денеска понудил гаранција од 200 илјади евра во недвижен имот како гаранција дека нема да побегне откако на 3 октомври ќе излезе од притвор. Тогаш истекува максималниот период за притвор од една година по оценка на обвинението кое го гони за тешки дела против општата сигурност.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
