Македонија
23. September 2026 - 13:03

Откриена нелегална плантажа со 680 килограми марихуана, приведени две лица

Струмичката полиција откри нелегална плантажа за производство на канабис, запленети се околу 680 килограми од оваа дрога, а две лица се лишени од слобода. Според полициските информации, осомничените по претходен меѓусебен договор ја обработиле почвата во сокриен дел од парцела на местото викано ,,Матник,, во атарот на струмичкото село Секирник, каде што засадиле и одгледувале стебла од растението канабис.

Акцијата е реализирана врз основа на судска наредба, при што полициски службеници од СВР Струмица презеле повеќе службени дејствија и посебни истражни мерки, со техничка поддршка од Регионалниот центар за гранични работи Исток. Со тоа се обезбедени цврсти докази за поврзаноста на пријавените со нелегалната плантажа, информираа од МВР.

Двете лица се лишени од слобода и задржани во полициската станица Струмица. Во службениот разговор тие целосно го признале делото, појаснувајќи дека откако обезбедиле семе, во мај 2026 година ја подготвиле локацијата, ги засадиле семињата и ги одгледувале растенијата со цел производство на марихуана. 

Против лицата, од кои едното е на возраст од 34, а другото 30 години, и двајцата од општина Ново Село, поднесена е кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори,,.