Контрацепција во Македонија користат само 14 проценти од младите жени
Само 11 проценти од младите во Македонија користат кондом, a паровите се “пазат” од забременување со традиционалната метода - прекин на сексуалниот однос.
Загрижувачки податоци на светскиот ден на контрацепцијата објавија од невладината ХЕРА. Според последните достапни истражувања современи контрацептивни средства користат само 14 отсто од жените на возраст од 20 до 24 години.
-Состојбата е особено загрижувачка кај младите. Според податоците, околу 14% од младите жени на возраст од 20 до 24 години користат современ контрацептивен метод, додека 38,6% се потпираат на прекинат сексуален однос. Кондом користат 11% од младите жени во оваа возрасна група. Ниската употреба на современа контрацепција не е само прашање на личен избор. Кога методите не се финансиски достапни или не се обезбедени преку здравствениот систем, изборот не е еднаков за сите, изјави Оливера Стојковска, програмска раководителка во ХЕРА.
Од годинава контрацептивните лекови се вклучени на есенцијалната листа, но за многумина и понатаму се “лускуз” бидејќи не се на товар на Фондот и се купуваат на приватно. Затоа од ХЕРА повикуваат да се стави современа контрацепција на позитивната листа за да биде финансиски подостапна до граѓаните.
-И нивно покривање преку задолжителното здравствено осигурување, зголемување и одржливо финансирање на државните програми за контрацепција, со посебен фокус на младите и лицата кои се соочуваат со економски и други бариери, обезбедување достапни, доверливи и научно засновани информации и советување за сексуалното и репродуктивното здравје, вклучително и за современите методи на контрацепција, преку сеопфатното сексуално образование, кое ќе им овозможи на младите да стекнат знаења и вештини за информирани и одговорни одлуки за нивното сексуално и репродуктивно здравје, изјави Оливера Стојковска, програмска раководителка во ХЕРА.
Токму “Избор без бариери”e годинешното мото за светскиот дена на контрацепцијата за таа да биде подостапна.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
