Експресниот пат Радовиш - Струмица влегува во подготовка
Изградба на експресен пат кој ќе го поврзе Радовиш со Струмица, Ново Село и границата со Бугарија, најави денес од Радовиш министерот за транспорт и врски, Александар Николовски.
Во тек е постапката за избор на консултантска куќа која треба да ja подготви предпроектната документација, еколошките и социјалните студии, како и физибилити студијата. Рокот за поднесување понуди е до 8 октомври, по што се очекува избор на изведувачот.
-Во рокот шест до девет месеци да се завршат студиите и после тоа одиме на тендерирање. Она што сакам да кажам е дека ќе одиме со сопствени средства од Јавното претпријатие за државни патишта. Јавното претпријатие е во добра кондиција, има добри приливи на средства и ќе можеме да го градиме овој проект, изјави Александар Николовски, министер за транспорт и врски.
Доколку постапките се одвиваат според планираното, градежните активности на терен би започнале до есента следната година. На работната средба со градоначалникот беа разгледани и тековните инвестиции во општината.
-Ние имаме повеќе проекти кои што веќе ни се изготвени проектните документации за кои што еве сега ќе разговараме, тоа е булеварско решение на влезот од градот, тоа е уредување на кејот и двете кејски улици по Радовишка река, изјави Љупчо Почивалец, градоначалник на Радовиш.
-Само во еден инвестициски циклус само преку Министерството за транспорт во различни проекти инвестираме околу 240 милиони денари, што мислам дека ќе се согласите е сериозна сума која што претходно не е видена како инвестиција во општината, додаде Николовски
Работната посета Николовски ја искористи и за посета на „Самун ем татлија“, традиционалната манифестација која секоја година се одржува во Радовиш и каде можат да се вкусат локалните кулинарски специјалитети.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
