Нацрт-верзиите на Кривичниот Законик и Законот за кривична постапка отпатуваа за Брисел
Новиот Кривичен законик отпатува за Брисел, но дали во него се вратени построгите казни за функционерите, од Министерството за правда засега не откриваат.
Нацрт-верзиите на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка се испратени на мислење во Европската комисија.
Од Правда велат дека станува збор за сеопфатна реформа која треба да обезбеди поефикасни истраги, судски постапки и посилна борба против криминалот и корупцијата.
Но за конкретните законски решенија, особено за казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, не откриваат детали.
Новите закони се испратени во Брисел само една недела откако Европската комисија повторно упати критики за измените на Кривичниот законик од 2023 година, со кои беа намалени казните за дел од функционерските кривични дела и се овозможи застарување на бројни предмети.
Во последниот извештај Комисијата констатира дека ниту измените од јануари годинава не ги отстраниле негативните последици и дополнително придонеле за правна несигурност.
Токму затоа Брисел бара целосно нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка, усогласени со европските стандарди.
Двата закона се дел од реформската агенда на земјава.
Од Министерството за правда велат дека со новите решенија треба да се подобрат финансиските истраги, конфискацијата на незаконски стекнат имот, примената на посебните истражни мерки и заштитата на жртвите на кривични дела.
Подготовката на новиот Кривичен законик започна уште во 2019 година, а на Законот за кривична постапка се работи околу пет години.
Од Правда уверуваат дека процесот бил инклузивен и транспарентен, но засега не откриваат дали новите решенија ќе ги исправат спорните измени поради кои дел од предметите за висока корупција завршија со застарување.
Во меѓувреме, Владата на денешната седница одлучи да побара итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел за полагање на правосудниот испит, околу кој се отвори прашањето за употребата на албанскиот јазик.
Меѓународните експерти треба да оценат дали решението е во согласност со Уставот и европските стандарди.
Предложениот модел предвидува единствен систем на полагање, со исти професионални критериуми за сите кандидати, без посебни испити и различни стандарди.
Известителите на Венецијанската комисија ќе разговараат со претставници на институциите, политичките партии, деканите на петте правни факултети и студентските организации.
Предвидено е и практично да им биде прикажано како се полага писмениот дел од испитот во Апелациониот суд во Скопје и усниот дел во Министерството за правда.
Од Владата велат дека целта е решението да се темели на правни аргументи и независна меѓународна експертска оценка.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
