Македонија
10. November 2026 - 16:39

Трамп ја номинира адвокатката Кристи Меккормик за нова амбасадорка во Македонија

Трамп ја номинира адвокатката Кристи Меккормик од Калифорнија за нова амбасадорка во земјава.

Од правните битки во американските институции, преку следење избори во речиси сите сојузни држави, до работа во американската амбасада во Ирак – вака изгледа професионалната биографија на Меккормик.

Нејзината номинација е објавена на официјалната веб-страница на Белата куќа, но за да ја преземе функцијата, потребна е потврда од американскиот Сенат.

Меккормик е адвокатка од Калифорнија, со долгогодишно искуство во американскиот правосуден и изборен систем.

Речиси 12 години работела во Комисијата за изборна помош на САД, каде што била вклучена во реорганизација на институцијата и иницирала активности поврзани со изборните податоци и пристапноста на гласањето, а учествувала и во набљудување избори во речиси сите американски сојузни држави.

Претходно била дел од Министерството за правда на САД, а од 2009 до 2010 година работела и во американската амбасада во Багдад, како експерт за избори, каде што го следела изборниот процес во Ирак.

Нејзината професионална биографија вклучува и работа во правосудните институции на Вирџинија, како и учество во правни тимови што ја застапувале оваа сојузна држава пред Врховниот суд на САД.

Доколку Сенатот ја потврди номинацијата, Меккормик ќе биде десеттиот амбасадор на САД во Македонија.

Додека трае постапката за нејзино потврдување, американската амбасада во Скопје ја предводи вршителката на должноста амбасадор, Никол Варнс.

Таа ја презеде функцијата на почетокот на годинава, по заминувањето на Анџела Агелер, која на амбасадорската позиција во Македонија помина три години.