Изгласан вториот ребаланс на буџетот
Пратениците по вторпат ја прекроија државната каса.
Со 67 гласа „за“ и 15 „против“, Собранието го усвои новиот ребаланс на буџетот.
Причина се антикризните мерки за намалување на цените на горивата, вели министерката за финансии, Кочоска.
И на приходната и на расходната страна се кратат по 86 милиони евра.
Дефицитот останува околу 753 милиони евра, економскиот раст 3,5 отсто, а инфлацијата намалена на 3,8.
„Дополнетиот ребаланс не произлезе поради проблеми со ликвидност во Буџетот, туку е последица на преземените мерки од страна на Владата за намалување на ДДВ и акцизата кај бензините и дизелот. Мерки кои имаат директно влијание врз приходната страна на Буџетот, но најзначајно е дека со таквите мерки го поддржавме стандардот на граѓаните и ја помогнавме економијата, односно го спречивме прелевањето на високите цени на нафтата врз останатите производи и услуги. Државната каса е стабилна и е обезбедено финансирање на сите обврски – плати, пензии, исплата на социјални надоместоци, обврски кон стопанството, како и отплатата на долгови кои доспеваат“, кажа министерката за финансии, Кочоска.
Од СДСМ, пак, велат дека во касата има пари колку да се исплатат плати, пензии и социјални трансфери.
Пратеникот Битиќи оцени дека Владата не успеала да ги запре поскапувањата, а државата продолжува да се задолжува.
Како пример, рече секој граѓанин во јули 2024 должел околу 4.600 евра, а сега тој долг пораснал на 6.000 евра.
Предупреди дека земјата ја очекува тешка зима поради опасноста од енергетска криза.
„Буџетот е ликвиден да исплаќа пензии, социјални трансфери и толку. Скоро сите развојни програми се намалуваат. Средствата за привлекување на странски директни инвестиции и развој на слободните економски зони се намалуваат за 150 милиони. Поддршката на инвестиционите вложувања исто така се намалува. Ни следи многу тешка зима, затоа што на повидок е енергетска криза. Вие со малце трзавици за нафтата имавте вакви резултати, замислете што ќе се случи со поголеми проблеми и шокови во електричната енергија. Како што викате Господ нека ни е на помош“, рече пратеникот од СДСМ, Битиќи.
За ребалансот беа поднесени над 200 амандмани, но ниту еден не беше прифатен. Веќе во петок во собраниска процедура влегува и новиот буџет за 2027 година.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
