Шумската полиција со засилени акции: Запленети над 500 кубни метри дрвна маса и поднесени 140 пријави

Шумската полиција спроведе засилени акции против нелегалната сеча низ целата држава, при што во текот на септември и во почетокот на октомври беа запленети над 500 кубни метри нелегално исечена дрвна маса и поднесени 140 пријави.
Привремено се одземени 13 товарни и 17 патнички возила, девет трактори, како и моторни пили, приколки, секири и други предмети употребени за незаконска сеча и превоз на дрва.
Акциите се спроведуваат паралелно со секојдневните редовни контроли, со посебно внимание на подрачјата каде што поизразено дејствуваат организирани групи на дрвокрадци. Контролите се насочени и кон сузбивање на нелегалното снабдување со дрва на населението и на производствените капацитети, а со кои се нанесува значителна штета на шумскиот фонд.
„Засилените акции ќе продолжат и во наредниот период, на целата територија на државата. Заштитата на шумите е јавен интерес и наша институционална одговорност. Шумската полиција ја има целосната поддршка на Министерството да постапува одлучно и доследно против незаконската сеча, транспортот и трговијата со дрва, во рамките на своите законски овластувања“, порачува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Во пресрет на грејната сезона, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира до граѓаните да купуваат огревно дрво само од лиценцирани продавачи и складови. Со набавката на дрва од легални извори активно се придонесува за спречување на нелегалната трговија и за заштита на шумите.
Воедно, граѓаните се повикуваат да пријавуваат сомнежи за незаконска сеча, транспорт и продажба на дрва до Шумската полиција и другите надлежни органи.
Ново на Сител
-

Ѓорѓиевски: Скопје ќе биде накитено од 10 до 15 декември, новогодишната прослава ќе биде со македонски изведувачи и без огномет
-

Ѓорѓиевски: Градските служби се на терен, Скопје е подготвено за најавените снежни врнежи
-

Сиљановска-Давкова: Насилството сите не боли, навредливо е и незамисливо
-

Неготинец си го натепал малолетниот син со метален предмет
-

Отстрането државно знаме во Гостивар, полицијата истражува
-

Приведени лица за повеќе случаи на семејно насилство, закани и злоупотреба во семејството
-

Јаневска: Не гледам причина за протест ако на студентите им се нуди повеќе
-

Два авиона на „Американ ерлајнс“ се судрија пред полетување во Вашингтон, нема повредени
