Свет
16. October 2026 - 16:36

Проширувањето на ЕУ во сенка - Зеленски го превзема фокусот на состанокот на Европскиот совет

Украина и пристигнувањето на Зеленски во Брисел го превземаа фокусот на вториот ден од состанокот на европските лидери. Кошта и Фод дер Лајен со парака дека Унијата нема да ја намали финансиската поддршка за Украина, а земјата до крајот на годината ќе ги отвори и последните две поглавја од преговорите за членство.

Нашата порака до претседателот Зеленски е многу едноставна. Поддршката на Европската Унија за Украина останува посилна од кога било. Ова не е време за повлекување на поддршката за Украина. Ова не е време за ублажување на санкциите против Русија. Сега е време да ја зголемиме нашата поддршка и да го зголемиме притисокот. Тоа е од суштинско значење за да ја натераме Русија да прифати вистински прекин на огнот, да ја доведеме на преговарачка маса и да ја запреме оваа војна, изјави Кошта

Целта е до крајот на годината да ги отвориме и последните два кластера, за да можеме целосно да се посветиме на спроведувањето на реформите неопходни за пристапување во Европската Унија. Се разбира, ќе разговараме и за подготовките за зимата, односно за тоа како да ѝ помогнеме на Украина во претстојниот зимски период, вели Фод дер Лајен

Европските лидери вчера го отворија прашањето за проширувањето и внатрешните реформи на Унијата, но без конкретни одлуки или рокови за нивно спроведување. Во заклучоците повторно се нагласува дека пристапувањето треба да се заснова на сопствените заслуги и спроведените реформи на секоја земја-кандидат, додека Унијата паралелно треба да се подготвува за прием на нови членки. Конкретни датуми нема ниту за Црна Гора, откако по барање на Хрватска од заклучоците биле отстранети временските одредници за затворање на преостанатите преговарачки поглавја.

По дводневниот самит во Брисел, следниот чекор е почетокот на ноември, кога Европската комисија треба да ги објави извештаите за земјите-кандидати, заедно со патокази што ќе ги утврдат преостанатите реформи и роковите за нивно спроведување во Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, документи кои треба да ги прецизираат обврските и роковите за четирите земји што предничат во процесот на пристапување.