Македонија
26. October 2026 - 16:35

470 килограми месо од нелегална комора во Василево завршија на депонија

400 килограми замрзнати плескавици и ќебапи, како и уште 70 килограми внатрешни органи откриле инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство при вонреден надзор во нерегистрирана комора на приватен имот во Василево. Од АХВ  информираат дека производите не биле соодветно означени. 

- Целокупната запленета количина подготиовки од месо и внатрешни органи нештетно се уништени на депонија, согласно пропишаните законски процедури. Поради констатираните неправилности, изречена е мерка за времено затворање на комората, а на правното лице му се изречени и парични казни поради работа на нерегистриран објект и неозначување на производите, изјави Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Ова не е изолиран случај. Од почетокот на годинава до август, АХВ спровела речиси 75 илјади инспекциски контроли. 

- Во овој период уништени се 69.776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз, забранет е увоз на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, а во земјите на потекло се вратени пратки со вкупно 122.602 килограми храна од животинско потекло, вели директорот на АХВ Миланов.

Од Агенцијата најавуваат дека контролите ќе продолжат и наредениот период на целата територија на Македонија со фокус на спречување на продажбата и дистрибуцијата на небезбедна храна и заштита на здравјето на граѓаните.