Македонските студенти: Победата во Србија е доказ дека младите можат да направат промени
Победата на студентите во Србија е доказ дека младите можат да направат промени, а не само да бидат пасивни набљудувачи на општеството. Mакедонските студенти се свесни за моќта која ја имаат, но велат дека и со различни начини на делување може да се дојде до посакуваниот резултат.
„Поуката којашто можеме да ја извлечеме ние за Македонија е дека не нужно мора да се копира нечиј модел на протести или нечиј модел на политичко или општествено организирање, но факт е дека е доказ за младите кај нас – кога младите, кога студентите се заедно, кога се истрајни во своите барања може да бидат не само набљудувачи на општествени случувања, туку и директно да влијаат на тоа што ќе се случува и во која насока ќе се одредува нивната иднина“, изјави Гоше Николов, Студентарија.мк.
Ден по извојуваната победа на српските, македонските студенти денеска ги објавија проблемите со кои се соочуваат, врз основа на шест месечно истражување на Дигитален глас. На оваа адреса пристигнале 717 пријави од студенти, а дополнително 1.200 гласале за да ги потврдат пријавите на другите колеги.
Како најголем проблем го издвојуваат субвенционираниот студентски оброк. Обвинуваат дека министерката го крши законот, бидејќи сумата која што ја добиваат студентите не е еднаква со инфлациската стапка. Согласно законот, во 23-тата година, оброкот од 120 се зголеми на 140 денари и беше предвидено дека секоја календарска година износот треба да се зголемува согласно инфлацијата. До денеска, износот не е зголемен ниту еден денар.
„Она што студентите можеле да го купат пред три години за 140 денари дневно, денеска може само да го сонуваат“, додаде Николов од Студентарија.мк.
„Министерството е должно да го зголеми оброкот. Значи не треба некој на министерката да и побара да се зголеми оброкот туку министерката треба да го испочитува законот, којшто е донесен уште во 2023 година. Дополнително, кога истата гарнитура беше во опозиција, истите луѓе имаа барање оброкот да биде 200 денари, а сега не сакаат да го покачат и на 165“, изјави Александар Николоски, Студентарија.мк
Студентите се жалат дека нивните колеги на приватните универзитети се дискриминирани бидејќи ним не им следува бесплатен јавен превоз во Скопје, како што е случај со оние кои студираат на државните. Дополнително, дискриминирани се и студентите кои учат во Штип, Тетово и други градови во внатрешноста бидејќи не им следува бесплатно возење со комбе или автобус како на нивните колеги во Скопје.
Проблеми се нотирани и во студентските домови. Само еден месец по реконструкцијата, вода протече низ ѕидовите во тазе реновираниот Стив Наумов. Студентите не се задоволни ниту од храната што ја добиваат особено со вечерата. Велат, со две јајца и три парчиња кашкавал никој не може да се најаде.
Во дури пет, од шесте месеци како функционира Дигитален глас, студентите најмногу пријавувале пријавиле нејасни критериуми за оценување, за време на испитите добивале задачи или прашања коишто не биле опфатени со материјалот на професорите, а дел од нив пријавиле и фаворизирање на студенти и неправилно оценување.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
