Собранието ја отфрли интерпелацијата за Божиновска
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ја преживеа интерпелацијата која ја поднесе Левица. 63 пратеници гласаа против аргументите кои ги упати опозицијата за нејзиното работење. Левица ја обвини дека по две години власт нема решение за клучните проблеми во енергетиката, додека државниот производител ЕСМ тоне во долгови, а приватните компании остваруваат милионски профити.
Министерката Божиновска ја отфрли интерпелацијата. Обвинувањата за нејзината работа вели биле неаргументирани. Образложувајќи што се прави министерството за стабилност на енергетскиот сектор им порача на опозиционерите дека политичкото несогласување и различната визија за енергетиката не може да се прогласи за кршење на Уставот.
И СДСМ ја обвини власта дека не го користи енергетскиот потенцијал на државата, додека домашните производители продаваат струја по нула евра, а „Чебрен“ и „Галиште“ остануваат без финансиска конструкција.
Мнозинство во одбрана на Божиновска - се носат нови законски решенија и се инвестира во енергетски капацитети.
Министерството за енергетика беше формирано во јуни 2024 година, а според министерката Божиновска, дел од процесите и проблемите во секторот се наследени од претходно.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
