Македонија
27. October 2026 - 12:19

Становите во Штип достигнаа и до 1.500 евра за квадрат

Пазарот на недвижности во Штип годинава се соочува со движења и во цените и во обемот на продажбата. Купувањето стан станува сè поголем финансиски предизвик за граѓаните, особено за оние што по првпат бараат сопствен дом. Податоците од Општина Штип покажуваат дека и покрај повисоките цени, прометот со станови продолжува да носи значителна финансиска вредност.

- Просечната цена бележи зголемување за околу 10%, односно и старите и новите станови се продаваат за повисоки цени. Досега, од предметите пристигнати во општината, цената на становите препродадени е околу 13 милиони евра, од кои 8 милиони евра се за нови станови. Највисоката постигната цена на договор е околу 1.500 евра за метар квадратен за нов стан, изјави Драган Каров, раководител на Одделението за финансии во Општина Штип.

Во општинската евиденција, од јануари до октомври се заведени околу 207 купопродажни договори, додека во текот на целата минатата година биле регистрирани 315. Оваа разлика, сепак, не ја дава целосната слика за градежната активност, бидејќи одобренијата за нови објекти и нивното впишување во катастарот не се случуваат истовремено.

- Претходната година имало повеќе згради коишто се впишани во катастарот, а оваа година има повеќе одобренија, но тие згради ќе се впишат во некоја од наредните години, па тогаш ќе има поголема препродажба на станови, додаде Каров.

Со завршувањето на новите објекти и нивното официјално евидентирање, можно е статистиката да забележи поинаква слика за движењата на пазарот. За граѓаните, пак, останува прашањето колку растот на понудата ќе влијае врз цените и дали ќе се појават можности за полесно доаѓање до сопствен стан.