Македонија
27. October 2026 - 16:36

Над 5.000 договорци ќе добијат шанса за редовно вработување - поднесен нов закон

Над 5000 договорци од јавниот сектор ќе добијат трајно вработување со новиот закон за трансформација на работниот однос кој го поднесе пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ. Сите вработени кои во моментов се ангажирани и ги исполнуваат условите по донесување на новото законско решение во рок од три месеци  треба да добијат нов договор со вработување на неопределено време.

Според предлагачот, ова ќе донесе правна и социјална сигурност за оние лица кои со години работат за државата, но без сигурност што ја носи редовното вработување.

-Трансформацијата ќе се спроведува фазно. За најмногу 50 проценти од лица, работниот однос би стапил во сила веднаш, односно до 31 декември годинава, додека за останатите најдоцна до крајот на 2027 година.

Со предлогот се опфатени, државната власт, одредени јавни установи, единици на локалната самоуправа, јавни претпријатија, заводи и фондови. Но нема да важи за времено вработените во акционерските друштва, воен и цивилен персонал во АРМ, одбрана, основните и средните училишта, високообразовните и научните установи, МВР, АНБ и останатите безбедносни органи.

Институциите нема да смеат да им ги раскинуваат договорите додека не стапат во сила решенијата за вработување. Од 2028 година, институциите нема да смеат да ангажираат преку договори повеќе од 10 лица на секои 100 вработени, освен во одредени случаи. Раководителите кои нема да го почитуваат ова ќе платат од 250 до 500 евра глоба.

Предлагачите велат дека целта е да се стави крај на долгогодишната практика договорните ангажмани да ја заменуваат потребата од редовно вработување.

Во моментов Македонија не располага со јасна евиденција колку вакви лица се времено вработени во секоја државна институција одделно.