Расте бројот на деца жртви, но и на малолетници кои прават прекршоци
Се повеќе деца жртви, а расте и бројот на деца кои го прекршуваат законот. Загрижувачка слика за детското престапништво во Македонија. За повеќе од половина е зголемен бројот на малолетници кои сториле прекршоци, додека во полициските станици биле повикани околу 1.200 деца, нешто помалку од претходната година.
Но, за разговор со нив, во целата држава има само три соодветно опремени полициски простории. За двојно се зголемил и притворот за децата, лани 14 малолетници завршиле во притвор. Затворска казна добиле четири. Причините се различни. Во исто време, против над илјада деца биле поднесени кривични пријави, а за секое трето од нив е побарана санкција.
Што ги доведува децата во судир со законот? Според претседателката на Државниот совет за превенција на детското престапништво, Лазетиќ, причините најчесто треба да се бараат во семејството. Не е пресудно дали детето расте во сиромаштија или во изобилство, туку какви односи има во домот. Предупредува дека насилството често се пренесува од една генерација на друга, децата кои денес се жртви, утре можат да станат насилници.
Клучно за спречување на детското престапништво е поголема вклученост на општините, смета претседателката на Државниот совет, Лазетиќ. Според неа, недостасува заинтересираност кај локалните власти, иако Законот за правда за децата ги обврзува сите општини да формираат совети за превенција на детското престапништво.
Меѓу општините каде што овие совети најдобро функционираат се Тетово, Куманово, Охрид и Битола.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
