Дигиталното насилство како реална опасност
И се заканувал преку телефон и на социјалните мрежи цели три месеци. 61-годишна жена во полициска станица Гостивар пријавила дека од јули до крајот на септември била вознемирувана од нејзиниот поранешен партнер. Таа е последна жртва на дигитално насилство регистрирана во билтенот на МВР, а воедно и 101-та жена во базата на полицијата за оваа годинаа, која се охрабрила да побара помош од институциите.
Зад лажните профили, „инбоксите“ полни со закани и кликовите кои се претвораат во кошмар, стојат сурови бројки. Статистиката на МВР за периодот од 1 јануари до 30 септември открива дека мета на насилниците во оналјн просторот биле дури 101 жена.
Полицијата регистрирала 98 кривични дела, меѓу кои најмногу случаи на демнење – вкупно 66. Евидентирани се и закани преку интернет, злоупотреба на лични податоци и други форми на онлајн насилство. За делата се пријавени 81 сторител, кои веќе се соочуваат со кривични пријави.
Но, што се случува кога некој бара помош или пријавува дигитално насилство. Како реагираат институциите?
За жените жртви на насилство, патот до институционална заштита и правда е полн со бариери. Начинот на кој институциите постапуваат не е секогаш усогласен и предвидлив, а поддршката често зависи од конкретната институција и професионалците во неа. Терминот „ништо“ е најчестиот опис за преземените активности од страна на државните институции – кога жена е жртва на насилство.
Ваквата ситуација ја поткрепуваат бројни истражувања, како и последното во низата - петгодишниот проект „Заштита и превенција од родово базирано насилство во Македонија“ поддржан од Владата на ОК.
Од друга страна, надлежните велат, жртвите мора навремено да пријавуваат за да можат институциите соодветно да постапат.
„Особено е значајно жртвите навреме да го пријават. Зошто е тоа така? Затоа што секоја жртва, со самото пријавување, ќе алармира кај надлежните институции, за тие да можат навремено да постапат. Тоа значи прибирање судски докази, за понатаму да може да се утврди дека е сторено кривично дело и, секако, да се утврди сторителот. Претпоставувам дека жртвите кои се соочуваат со овој вид насилство се подложни на определена стигма, односно страв — страв од закани, од понатамошни уцени, а исто така и од осуда од општеството “, изјави обвинителката Елена Жакула.
Обвинителката додава дека навремената пријава е клучна за брз одговор на институициите.
„Особено е значајно навременото пријавување и од аспект на прибирањето докази, бидејќи ова насилство често не се случува само физички, туку и преку интернет, социјалните мрежи и други видови дигитални алатки или инструменти. Така што, навременото пријавување е особено значајно не само за жртвите, туку и за навремената реакција на институциите, навременото препознавање на ризикот од ескалација и утврдувањето на понатамошната одговорност на сторителите на овој вид кривично дело“, додава Жакула.
Од говорот на омраза и сексуалното вознемирување не се поштедени ниту новинарките во Македонија.
„Новинарките и медиумските работнички на најновата алатка на Женската медиумска мрежа „Еднаква“ може да пријават секаков вид онлајн вознемирување, од навреди па сè до закани, уцени и така натаму. Целта на алатката е, всушност, да им понудиме поддршка и помош и да изразиме солидарност со новинарките и медиумските работнички кои секојдневно се соочуваат со овој проблем. Воедно, можат да пријават анонимно или јавно — изборот е на нив, но важно е да пријавуваат“, изјави Марија Митева, претседателка на Еднаква.
Многу жени носат одлука да не влезат во политиката токму поради говорот на омраза, особено во онлајн просторот. Ова го утврдија ревизорите во последниот септемвриски извештај за застапеноста на жените во политичкиот свет.
„Говорот на омраза е една од најголемите пречки за учество на жените на високи раководни функции, бидејќи има негативно влијание врз нив и врз членовите на нивните семејства и може да ги одврати од прифаќање раководна функција“, наведоа ревизорите.
Ваквите состојби дадоа знак дека се потребни построги казни, но и нови кривични дела. Во 2023-та година се воведе нова одредба со која се казнува демнењето.
„Демнењето претставува несакано, повторено вознемирување на жртвите и остварување несакани контакти. Најчесто се манифестира преку несакано следење до работното место, несакани телефонски повици и обиди за остварување контакт преку блиски лица. Со измените, законодавецот ја препозна важноста на овој вид кривично дело, со што ни овозможи соодветно да реагираме“, додава Жакула.
Кога системот затајува, а заканите се секојдневие, жртвите плаќаат висока цена. Законот нуди заштита, но судбината на стотици жени зависи од тоа дали институциите ќе изберат да дејствуваат пред да биде предоцна.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
