Четврти потврден случај со морбили во Македонија – Се проверува дали се поврзани
Уште еден лабораториски потврден случај на морбили во Македонија.
Станува збор за бебе од Косово кое било на лекување во земјава.
Здравствените власти проверуваат дали има поврзаност меѓу 3-те заразени лица од претходно, две деца помали од 1 година и маж на 40 годишна возраст од Велес, Штип и Скопје.
Никој од нив не бил вакциниран со МРП.
Според министерот за здравство услови за прогласување на епидемија засега нема.
Тој излезе со препораки до граѓаните и институциите.
- Порака до граѓаните, вакцинирајте се, проверете дали имате две дози од вакцината и дали сте прележале, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.
Клековски ги повика граѓаните ако имаат температура и осип да го контактираат матичниот лекар и да не одат во чекалните на ординациите за да се избегне ризик од ширење на заразата.
ИЈЗ испратиле упатства до градинките и училиштата, но и протоколи до граничните премини.
- Пред да патувате во Косово и Бугарија, проверете си повторно каква е вашата состојба бидејќи во тие две земји има прогласено епидемија. Ние издадовме наредба една педијатриска болница да се подготвува за прием на вакви случаи, затоа што инфективната Клиника не е оспособена за третман на бебиња, рече министерот Клековски.
Алармот според здравствените власти е вклучен бидејќи опфатот со МРП е многу намален на само 62 отсто, а пред само пред седум години во Македонија имаше епидемија на морбили со над 2.000 заразени и четири смртни случаи.
Малите сипаници се едно од најзаразните заболувања, главно се пренесуваат преку воздух, а копмпликациите се многу сериозни.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
