Македонија
5. November 2026 - 12:22

Осум дена притвор за двајца вработени на УГД-Штип

Осумдневен притвор за двајцата вработени на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, кои ќе се гонат за компјутерска измама и злоупотреба на службена положба. Судија на претходна постапка од Основниот суд во Штип го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за одредување на оваа мерка.

Во случајот со бришење и манипулации во електронскиот индекс се опфатени 44-годишниот Р.Т., раководител на е-индекс и советничката на студентска архива на УГД, 44-годишната М.М.Н. Двајцата вработени  заработија кривични пријави. 

Според МВР, раководителот на е-индекс за различна сума пари, подолг временски период, на студенти од Турција им пријавувал испити по истекот на предвидениот рок, полагање испити по затворање на системот за пријавување,  бришел и оценки и кредити на студентите во е-индекси со цел да запишат нов семестар или година, а внесувал и податоци дека наводно студентите ја платиле потребната школарина.

При претресот во неговиот дом одземени се три лаптоп компјутери, четири телефони, усб стикови, документација како и пари. Со судска наредба извршено е пребарување на системот на е-индекс и системот на податоци на Универзитетот  при што се пронајдени и одземени електронски податоци за извршени промени.

Но при тоа пронајдени се записи и за извршени промени во системот и од страна на вработена како советник на студентската архива. И кај неа е извршен претрес на домот по дополнително издадена судска наредба, по што  е лишена од слобода, соопштија од МВР.

Според Обвинителството двајцата вработени на штипскиот универзитет ова го работеле изминатите 5 години, а за сметка на тоа се стекнале со материјална корист која во моментов се проценува на 21.000 евра.