Преглед на вестите од светот
Нов бран дојави за бомби го наруши авиосообраќајот низ Европа. Најмалку дваесет и пет патнички авиони биле цел на безбедносни закани, поради што дел од летовите биле пренасочени, а други добиле воена придружба. Инциденти биле пријавени во Франција, Бугарија, Италија, Белгија, Чешка и други европски земји. Досегашните проверки не откриле експлозивни направи, а надлежните истражуваат кој стои зад дојавите. Италијанските аеродроми веќе потврдија дека заканите биле испратени преку електронска пошта, а испраќачите се претставиле како „Борци на машката држава“ и се заканиле дека ќе предизвикаат експлозии.
Ова е втор ваков бран во текот на неделата. Во вторникот, дојави за бомби добиле најмалку седум авиони и еден крузер. При проверките не биле пронајдени експлозивни направи.
Илјадници граѓани излегоа на протести во повеќе француски градови, меѓу кои и Нант, незадоволни од економската и социјалната состојба во земјата. Протестите, организирани со поддршка на синдикатите и студентските групи, се насочени против растот на трошоците за живот, поскапувањето на горивата и храната, но и проблемите во јавните услуги и образованието.
1. Тука сум да им дадам поддршка на средношколците и да се заложам за нивните права. И самата работам како социјален работник и поддржувам многу млади луѓе. Очигледно е дека сиромаштијата и финансиските тешкотии се зголемуваат, а животните услови на луѓето стануваат сè понесигурни. На младите им е сè потешко да ја платат киријата, да обезбедат храна и да го продолжат своето образование.
2. Главната причина е тешката економска и социјална состојба, која погодува голем број луѓе. Барањата се однесуваат на растот на трошоците за живот, цените на горивата и храната. На многу работници им е доста од ваквата состојба, бидејќи на сите ни станува сè потешко да го поминеме месецот со расположливите приходи. Тоа е главната причина за незадоволството.
Протестите и штрајкот на вработените во јавниот сектор се нов предизвик за францускиот претседател Емануел Макрон, по неколкунеделните немири и незадоволство во земјата. Напнатоста се зголемува и во пресрет на претседателските избори, кои треба да се одржат за пет месеци.
Протести и во Атина. Грчките студенти по третпат во изминатите неколку недели протестираа, барајќи подобри услови во образованието и намалување на трошоците за живот. На протестот им се приклучија и средношколски наставници, кои побараа повисоки плати и подобри услови за работа во образовниот сектор.
Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за набавка на руски дизел, кој се поврзува со обидите да се ублажи притисокот врз цените на горивата, засега останува без реализација. Двата танкера што требало да пристигнат на американскиот брег го смениле правецот на пловидба, пренесува „Фајненшел тајмс“. Причината за неизвесноста е отпорот во САД и стравот на потенцијалните купувачи од правни и санкциски последици. Кремљ уверува дека рускиот дизел ќе стигне до своите купувачи, по информациите дека танкерите го смениле курсот. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека товарењето на горивото веќе е завршено и дека станува збор за комерцијални испораки, чии детали не можат јавно да се објавуваат.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
