Во Дојран откриен најстариот меч во Македонија, стар околу 3.500 години
Во наколната населба во Дојран е откриен најстариот меч во Македонија, стар околу 3.500 години.
Станува збор за микенски меч од бронзеното време, кој е најзначајниот наод од годинашните археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја.
Откритието дава нови сознанија за контактите на тогашните жители со микенскиот културен простор, но и за можните воени судири во регионот.
Годинава, за првпат, археолозите дошле и до куќата на металургот во населбата.
Наодите даваат многу појасна слика и подетален увид во процесите на обработка и топење на металите.
Откриени се и голем број керамички садови и предмети украсени со спирали и други геометриски мотиви, кои укажуваат на силно изразен култ кон Сонцето.
Наодите од последната, шеста по ред археолошка кампања на локалитетот Мрдаја ја поместуваат и досегашната временска рамка за постоењето на населбата.
Според новите сознанија, животот овде започнал неколку века порано отколку што се претпоставуваше.
Наместо во доцното бронзено време, почетоците на населбата се датираат во средното бронзено време, односно во првата половина на вториот милениум пред нашата ера.
Наколната населба во Дојранското Езеро е откриена во 2012 година и се смета за една од најбогатите и најразвиените праисториски населби од овој тип на Балканот.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
