Независниот синдикат на професионални војници излезе на протест пред Владата
„Не си играјте војска со војската“, со оваа порака и предупредување пред владата се одржа протестот организиран од независниот синдикат на професионални војници и координативното тело на пензионираните припадници на Армијата.
Причина велат е две ипол годишното игнорирање на проблемите од страна на Министерството за одбрана.
На протестот истакнаа дека главниот децениски проблем е договорот на определено време кој трае цели 25 години по што војниците на 45 годишна возраст се приморени да ја напуштат Армијата и да бидат невработени.
Ова дискриминација велат ја потврдила и комисијата за заштита од дискриминација.
На протестот со барања излегоа и координативното тело на пензионираните припадници на Армијата, кои реагираат на нееднаквиот третман на пензионираните старешини во периодот од ноември 2021 година до февруари 2024 година.
Од министерството за одбрана ги демантираат наводите за долгови и се тврди дека сите финансиски обврски кон поранешните и сегашните припадници се целосно подмирени.
Во одговорот од МО велат:
„Министерството за одбрана во целост ги има исплатено сите финансиски обврски кон секој поранешен припадник на македонската Армија, независно дали бил офицер, подофицер, војник или цивилно лице. Не постои никаков долг кон поранешните припадници.
Организаторите на денешниот протест вклучувајќи го и претседателот на синдикатот кој никогаш не седна на масата со останатите, во континуитет шират невистини, дезинформации, пуштаат неосновани кривични пријави против поранешни колеги, и преку манипулации се обидуваат да фрлат сенка во однос на сето она што се направи позитивно за вработените во Армијата и Министерството за одбрана и ниту еднаш не ги поздравија овие преземени чекори кои значат подобар стандард за сите.“
Од МО велат во изминатиот период во континуитет се разговара и соработува со останатите претставници на синдикалните здруженија со чија взаемна соработка се дојде до долго посакувани решенија, како, решавање на статусот на професионалните војници со навршени 45 години возраст, така и за зголемени плати.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
