Мицкоски: Продолжуваме со посветена работа на реформите, фокус е ефикасност на институциите
Тековните активности, приоритетите и динамиката на спроведување на реформите биле во фокусот на денешниот состанок посветен на Реформската агенда, одржан во Владата.
Според објавата на премиерот Мицкоски, на средбата присуствувале и министрите за надворешни работи, здравство и економија.
Посветеноста на реформскиот процес, како што се наведува, подразбира координиран пристап и јасно утврдени цели за подобрување на работата на институциите.
„Продолжуваме со посветена работа на реформите кои се од суштинско значење за економскиот развој, владеењето на правото, ефикасноста на институциите и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните“, наведува Мицкоски.
Реформската агенда е поврзана со финансиската поддршка од Европската Унија преку Планот за раст за Западен Балкан, со кој за земјава се предвидени над 700 милиони евра.
Од вкупно 53 предвидени реформски чекори, досега се исполнети 22.
Но, според експертите, исполнувањето на агендата не треба да се мери само преку бројот на усвоени закони и формално завршени обврски, туку и според тоа дали реформите навистина ќе донесат промени во функционирањето на институциите.
Меѓу реализираните обврски се законите за Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, платите во правосудството.
Напредок има и во дигитализацијата на институциите.
44 институции веќе користат систем за управување со документи, а на граѓаните им се достапни повеќе од 300 електронски услуги.
Сепак, остануваат и сериозни обврски што сè уште не се исполнети.
Меѓу нив се реформите во борбата против корупцијата, а како едно од клучните прашања се издвојува донесувањето на новиот Кривичен законик.
До крајот на 2027 година земјава треба да ги исполни сите предвидени обврски доколку сака да ја искористи целосната финансиска поддршка од Европската Унија.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
