Свет
12. November 2026 - 12:06

Кибернапад во Швајцарија: Украдени лични и медицински податоци на пациенти и вработени

Здравствен центар и аптека во швајцарскиот град Хур беа мета на кибернапад, при што биле украдени чувствителни лични податоци на пациенти и вработени.

Инцидентот се случил на 12 октомври, а за него извести швајцарскиот јавен радиодифузен сервис SRF.

Нападот ги погодил медицинскиот центар „Глајс Д“ и аптеката „Меди Порта“.

Според претседателот на одборот на директори, Романо Каханес, упадот бил брзо откриен откако компјутерските системи на институцијата престанале да функционираат.

Внатрешниот ИТ-тим, во соработка со надворешни експерти за сајбер-безбедност, веднаш презел мерки за справување со инцидентот.

Засегнатите системи биле привремено исклучени, а потоа повторно инсталирани.

Сепак, брзата реакција не успеала целосно да го спречи истекувањето на податоци.

Напаѓачите успеале да преземат имиња, адреси, медицински рецепти и радиолошки снимки на пациенти, како и лични податоци на вработените.

Засега не е познат точниот број на засегнати лица.

Од здравствената институција информираат дека електронската медицинска документација, во која се чуваат дијагнозите, податоците за болестите и спроведените третмани, не била компромитирана.

Овие информации се наоѓале во посебна апликација до која напаѓачите немале пристап.

Според раководството, во овој систем се чува најголемиот дел од медицинската документација на пациентите.

Во меѓувреме, одговорноста за нападот ја презеде рансомвер-групата „Cloak“.

Според пишувањата на швајцарските медиуми, хакерската група тврди дека украла вкупно 87 гигабајти податоци, меѓу кои документи за идентификација и финансиски материјали.

Овие тврдења засега не се независно потврдени, а не е познато ниту дали напаѓачите побарале финансиски откуп.

Случајот е пријавен во полицијата, Федералната канцеларија за сајбер-безбедност и надлежниот швајцарски орган за заштита на личните податоци. Надлежните институции спроведуваат истрага за да утврдат на кој начин хакерите успеале да навлезат во компјутерските системи.

Експертите предупредуваат дека украдените информации може да бидат злоупотребени за фишинг-кампањи, онлајн измами и кражба на идентитет.

Поради тоа, пациентите и вработените се повикани да бидат особено внимателни при примање сомнителни телефонски повици, електронски пораки и други форми на комуникација.

И покрај киберинцидентот, здравствениот центар и аптеката продолжуваат да работат нормално.

Од институцијата информираат дека медицинските услуги и грижата за пациентите не биле прекинати.