Балкан
20. November 2026 - 19:16

Сараевски медиуми: Поднесено е обвинение против премиерот, министерот за полиција на ФБиХ и други поради примање мито

Специјалното одделение на Обвинителството на Федерацијата на Босна и Херцеговина (ФБиХ) за борба против корупцијата и криминалот (ПОСКОК) поднесе обвинение против голем број функционери на тој ентитет.

Според сараевски медиуми, обвинети се поранешниот директор на Полициската управа на Федерацијата на Босна и Херцеговина (ФУП) Вахидин Муњиќ, премиерот на Федерацијата Нермин Никшиќ, министерот за внатрешни работи Рамо Исак, функционерот на ФУП Мухамед Охрановиќ, шефот на кабинетот на премиерот Аријана Хусеиновиќ-Ајановиќ, суспендираниот директор на Полициската академија на МВР на ФБиХ Ервин Мушиновиќ и советничката на градоначалничката на Општина Ново Сараево Мирела Бубало.

Случајот се однесува на кривични дела злоупотреба на положба или овластување, како и давање и примање поткуп за тргување со влијание.

Обвинителството, како што се додава, се сомнева во нелегални вработувања и унапредувања во полициските структури.

За обвинението ќе одлучува Специјалното одделение на Врховниот суд на ФБиХ. 

МИА