Сопствениците на кравите во Крива Паланка имаат над 100 пријави
За тешка телесна повреда ќе одговараат сопствениците на кравите кои неконтролирано се движат низ Крива Паланка.
По последниот напад во кој шеесет и седумгодишна жена од селото Дрење е повредена и хоспитализирана со скршеница, од МВР велат дека кривичната пријава ќе биде поднесена до крајот на денешниот или во текот на утрешниот ден. Сепак, за семејството Ѓорѓиевски ова ќе биде само уште една во низата од над 100 пријави.
Од нив 21 се кривични пријави поднесени од полицијата, за оштетување туѓи предмети, загрозување на сигурност, спречување на службелно лице во вршење службено дејствие, насилство и лажно пријавување.
И покрај стоитината пријави, за сопствениците нема никакви мерки. Од обвинителството само кусо информираат дека по сите пријави се постапува и се превземаат дејства, но без повеќе детали.
Проблемот со кравите според најавите ќе се најде и на утрешната владина седница, каде една од точките се очекува да биде акцискиот план кој го подготвија Министерството за земјоделие, општината и Агенцијата за храна и ветеринарство. Документот предвидува организирано заловување и згрижување на над 1000 крави кои некотролирано се движат низ градот.
Изминатите месеци кравите не се проблем само за Крива Паланка. Во март шест крави ја преминаа државната граница и завршија во Бугарија. Минатата недела српските медиуми пишуваа дека кравите од Крива Паланка прават хаос и во Босилеград, каде биле забележани уништени овоштарници, градини и пасишта и урнати надгробни споменици. Видеата со кравите кои влегуваат во дворови, уништуваат земјоделски површини и ја загрозуваат безбедноста на жителите ја пренесоа и дел од светските медиуми.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
