Може ли најсиромашните да бидат поштедени од поскапувањето на струјата и парното?
Поскапувањето на струјата и парното да не биде исто за сите. Универзитетскиот професор Треновски предлага Владата да ги поштеди домаќинствата со најниски примања, а поголем дел од товарот да го префрли врз поголемите потрошувачи.
Според него, растот на цените на енергенсите на светските пазари создава притисок и врз домашните цени, но тоа не значи дека сите граѓани треба да плаќаат повеќе на ист начин. Особено внимание, вели, треба да се посвети на оние што трошат најмалку, бидејќи најголем дел од нив се со ниски примања.
„Мора да внимава владата кога ги носи мерките да ги зголеми цените пред сѐ на оние кои се во средната и повисоката транша за плаќање, односно да внимава на оние кои се во најниските, помали потрошувачи. Таму 80-90% се оние со понизок доход. Таму цената или да не се промени или да се амортизира со зголемувањето на цените во другите социјални слоеви, тој дел од населението да го заштити“, вели Треновски.
Притисокот врз енергетскиот систем се гледа и преку набавките на електрична енергија. ЕСМ ќе потроши околу 17 милиони евра за набавка на над 70 илјади мегават-часови струја, количини потребни за покривање на потребите до крајот на ноември и првата половина на декември. Цените за мегават се движат над 200 евра.
Паралелно со набавките, ЕСМ се обидува да го стави во функција и ТЕЦ „Неготино“, која се чува како ладна резерва и последен пат беше активирана за време на претходната енергетска криза.
Според најавите од првиот регулатор, струјата по Нова година би поскапела за 2 до 3 проценти.
Од идниот месец, скопјани ќе плаќаат и поскапо парно. Сметките се очекува да бидат повисоки за околу 7 и пол проценти. Ова ќе биде трето поскапување на парното за една година. По претходните две зголемувања по околу шест проценти, со последното поскапување вкупниот раст на сметките за греење ќе надмине 20 проценти.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
