Македонија
24. November 2026 - 16:31

МОН ќе продолжи да исплаќа по 140 денари на студентите, додека не се одлучат дали го прифаќаат новото софтверско решение

Министерството ќе продолжи да исплаќа по 140 денари за студентите за субвенциониран студентски оброк, додека студентите не се произнесат финално за новото софтверстко решение. Ова се заклучоците по првиот состанок на министерката Јаневска и новиот претседател на УСС при УКИМ.

„Стидентите предложија уште еднаш да направат анкета, разговор, дискусија, со поединечните студентски собранија на факултетите, да добијат дали го прифаќаат овој модел, потоа да ги сублимираат резултатите и да дојдат во МОН и да ги соопштат“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

И додека се чека одговор од студентите,  формирана е работна група што ќе работи на креирање на моделот односно на софтверското решение.  Токму со него, Владата ќе распише повик за да се пријават што е можно повеќе оператори за храна.

Со новиот модел студентите ќе добијат 20 проценти попуст на производите што ќе ги купуваат со средствата од субвенционираниот студентски оброк, но и на сите останати производи во маркетите и кај операторите вклучени во мерката.

Тој треба да почне да се применува од следната академска година, е најавен како дополнителна поддршка за студентите во услови на зголемени трошоци за живот.