Норвешка има „Глобален државен пензиски фонд“ вреден над 2.000 милијарди долари – теоретски по 400.000 долари по жител
Норвешка, една од најбогатите земји во светот, располага со огромен државен инвестициски фонд чија вредност надминува 2.000 милијарди американски долари. Станува збор за богатство создавано со децении, главно благодарение на приходите од нафтата и природниот гас, кое државата го инвестира за да обезбеди финансиска сигурност за идните генерации.
Според податоците за 2026 година, вредноста на норвешкиот државен фонд се движи околу 2,3 билиони долари. Со оглед на тоа што земјата има приближно 5,6 милиони жители, математичката пресметка покажува дека на секој граѓанин теоретски му припаѓаат повеќе од 400.000 долари.
Сепак, ова не значи дека Норвежаните ги имаат тие пари на своите банкарски сметки или дека можат да ги подигнат. Средствата се во сопственост на државата и се наменети за долгорочна економска стабилност, финансирање на јавните потреби и зачувување на националното богатство.
Фондот, официјално познат како „Government Pension Fund Global“, е основан во 1990 година, а првите средства во него биле префрлени во 1996 година. Неговата основна цел е приходите од природните ресурси, кои се ограничени, да не се потрошат веднаш, туку да се вложуваат и да создаваат дополнителна вредност.
Норвешка инвестира во илјадници компании низ светот, купувајќи акции, државни и корпоративни обврзници, недвижности и удели во инфраструктура за обновлива енергија. На овој начин земјата го распределува своето богатство на различни меѓународни пазари, наместо целосно да зависи од приходите од нафтата.
Иако фондот располага со огромни средства, норвешката влада не може неограничено да ги користи. Според фискалното правило, на долг рок трошењето од фондот треба да се усогласува со очекуваниот реален годишен принос, проценет на околу три проценти од неговата вредност.
Овој модел ѝ овозможува на Норвешка приходите од нафтата и гасот постепено да ги претвора во долгорочно финансиско богатство, од кое корист треба да имаат и сегашните и идните генерации.
Според последните официјални податоци, на 30 септември 2026 година фондот имал вредност од 22.014 милијарди норвешки круни, што претставува намалување од 670 милијарди круни во однос на претходниот квартал.
Ново на Сител
-

Виткоф и Кушнер пристигнаа во Москва, денеска ќе се сретнат со Путин
-

Најстудено утрово во Струмица, најтопло во Демир Капија
-

Над 1.000 магистри и 39 доктори на науки се водат како невработени во Македонија
-

„Волстрит џурнал“: Трамп го поддржува Венс за директни разговори со Резаи
-

Зеленски се надева на конкретни резултати од преговорите за крај на војната до крајот на годината
-

Македонија сè попривлечна за туристите – над 136.000 посетители во септември, од нив речиси 28.000 од Турција
-

Седница за опозициски прашања во Собранието
-

Облачно и топло со утринска магла
