Македонија
15. September 2026 - 16:39

Нов обид за договор за Изборниот законик – Правда најавува средби со партиите

Политичките партии се уште преговараат за донесување на нов Изборен законик, а со доаѓањето на новиот министер за правда се прават напори за усвојувањето на изборните реформи, тврди вицепермиерот Беким Сали. 

Од Правда за Сител потврдуваат дека министерот Шасивари ќе иницира средби со партиите за да се дојде до деблокада на процесот. 

- Министерот за правда Јетон Шасивари во периодот кој претстои ќе оствари средби со политичките субјекти со цел да се одблокира процесот на носење на измени и дополнувања на Изборниот законик кој е дел од Реформската агенда и во кој треба да бидат инкорпорирани препораките од ОБСЕ/ОДИХР, велат од Правда.

Без вистински политички дијалог нема договор за клучните закони, велат од опозициската СДСМ. Според нив процесот го срушил мнозинството уште со укинувањето на Техничката влада. Според координаторот Спасовски подготвени се за принципиелни разговори секогаш, но заеднички став на опозициските партии е невозможен. 

Ако повторно се отвора прашање за донесување на нов Изборен законик ЛДП бара прифаќање на нивните барања за отворени листи и правичен модел на финансирање.

Премиерот Мицкоски веќе им испрати порака на опозициските партии дека разговори и решение се можни само ако опозицијата заеднички ги усогласи ставовите. 

Новиот Изборен законик останува заглавен меѓу политичките партии, без конечен консензус за клучните прашања. Најспорни точки остануваат начинот на гласање на дијаспората, изборниот модел и финансирањето на изборите.