Нов случај на криумчарење мигранти- откриени 56 лица на автопатот Гевгелија-Скопје
Полицијата откри нов случај на криумчарење мигранти, втор за само три дена. Мигрантите биле откриени доцна синоќа на автопатот Гевгелија - Скопје кај клучката Миравци. Се работи за 56 лица од кои 54- ца се државјани на Пакистан, а двајца од Авганистан. Мигрантите се откриени при контрола на товарно возило ДАФ со скопски регистарски ознаки кое го управувал 46 годишен скопјанец.
Веднаш по контролата возачот е лишен од слобода и задржан во полициска станица. По целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Пред само три дена група од 43 - ца мигранти беше откриена и на регионалниот пат помеѓу Струмица и Радовиш. И тие беа пронајдени при контрола на товарно возило.
И покрај тоа што полициските билтени често регистрираат вакви случаи надлежните уверуваат дека засега страв од нов мигрантски бран нема, а состојбата на јужната граница е стабилна. Обидите за нелегален премин на границата, но и за криумчарењето на мигрантите биле во рамки на вообичаеното за овој период.
Во меѓувреме силите и на армијата и на полицијата кои ја обезбедуваат јужната граница се зголемени, а се прават и постојани координации со европските партнери. Во текот на вчерашниот ден премиерот Оливер Спасовски информираше дека државата нема да дозволи влез на мигранти, бидејќи тоа е политика и на сите држави во целиот овој регион. Со ваков став за затворање на границата во случај на бегалска криза излезе и министерот за внатрешни Наќе Чулев.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
