Нови 5 дигитални мамографии во 5 болници низ Македонија
Нови 5 дигитални мамографи за 5 болници низ Македонија. Вакви апарати за рано откривање на рак на дојка ќе има во Здравствен дом Скопје и во болниците во Кавадарци, Гевгелија,Радовиш и Македонска Каменица. Во меѓувреме лекари радиолози од овие здравствени установи ќе поминат соодветна обука.
- Со набавката на нови мамографи, истакна министерот, овозможуваме доближување на оваа значајна дијагностика поблиску до местото на живеење на пациентките, зголемување на бројот на термини за мамографија, ехо дијагностика, мамографски скрининг, а со тоа и сериозно намалување на времето на чекање за добивање на оваа здравствена услуга. На пример на Клиниката за радиологија е воведена и втора смена секој ден во дел од деновите со термини за мамографија и ехо на дојка, а дел се опфатени термините со мамографскиот скрининг со што за околу три пати е зголемен бројот на термини во однос на термините што претходно биле обезбедени за оваа дијагностичка процедура, изјави Никола Тодоров, министер за здравство.
Со новите апарати проектот мамографски скрининг ќе се спроведува во 15 јавни здравствени установи. Во меѓувреме се повеќе жени од 50 до 55 години ја искористуваат можноста за превентивни снимања. Одзивот од 20 се зголемил на 50 отсто, а како резултат на тоа за еден месец кај 6 жени откриен е рак на дојка и навреме биле оперирани.
- Тоа значи дека за еден месец се испратени толку колку што претходно се испратени за 10 месеци, имајќи предвид дека се зголемува одѕивот и на тој начин во многу порана фаза се детектирани промени кои ќе овозможат многу подобар третман, па дури и излекување на оние пациенти кај кои е детектирано ова малигно заболување, додаде Тодоров.
Со новите 5 мамографи, за една година министерството за здравтво набавува 11 вакви апарати за повеќе болници низ Македонија кои треба да помогнат кај жените во рана фаза да се открие рак на дојка.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
