Нови американски воздушни напади врз Иран, погоден танкер во Ормуската Теснина

Експлозии се регистрирани утринава во повеќе делови на Иран, додека американската војска соопшти дека завршила нов бран воздушни напади врз цели низ земјата.
Ирански медиуми објавуваат дека експлозии се слушнале во Конарек, во југоисточната покраина Систан и Белуџистан, како и во пристанишниот град Чабахар на Оманскиот Залив.
Иранската државна телевизија информира и за американски напади во близина на градот Шираз во јужниот дел на земјата, додека агенцијата „Фарс“ јави за повеќе експлозии во околината на островот Кешм во Ормуската Теснинан и во близина на јужниот град Бандар Абас.
Американската Централна команда (CENTCOM) преку платформата „Икс“ соопшти дека е завршен најновиот бран напади кој, според американски воени извори, траел околу пет часа.
Според CENTCOM, американските сили нападнале ирански воени командни центри, поморски капацитети, позиции за лансирање ракети и беспилотни летала, како и системи за противвоздушна одбрана, со цел да се намали способноста на Иран за напади врз трговските бродови што минуваат низ Ормус.
Десетта последователна ноќ американските сили изведуват напади врз цели во Иран, на што Техеран одговори со одмазднички акции против држави во регионот каде што се распоредени американски воени бази.
Во меѓувреме, танкер бил погоден од неидентификуван проектил во Ормуската Теснина, во близина на брегот на Оман, соопшти британската Агенција за поморски трговски операции (UKMTO), само еден ден откако друг брод се запали по напад во истото подрачје.
Според UKMTO, инцидентот се случил на околу 15 километри североисточно од Лима во Оман. Безбедносниот офицер на танкерот пријавил дека екипажот го напуштил бродот и се наоѓа во спасувачки чамец, при што не е регистрирано загадување на животната средина. Не е посочено ниту името ниту сопственикот на бродот.
Иранската револуционерна гарда пак соопшти дека два нафтени танкери се запалиле по експлозии додека се обидувале да минат по јужната пловна рута низ Ормуската Теснина. Наведено е дека спасувачките екипи ги евакуираат членовите на екипажите, без да бидат соопштени детали за пловните објекти.
Техеран претходно побара бродовите да ја користат рутата долж иранскиот брег, тврдејќи дека единствено пловниот коридор определен од Иран е безбеден. Спорот околу пловидбата низ Ормус, кој е од клучно значење за светскиот транспорт на нафта, природен гас и ѓубрива, останува едно од главните жаришта во ескалирачкиот конфликт меѓу САД и Иран.
МИА
Ново на Сител
-

Во Албанија полициски дронови ќе регистрираат сообраќајни прекршоци
-

Тројцата осомничени за загадувањето на водата во Гостивар изведени пред судија | ВИДЕО
-

Николовски: Годинава откриени се 12 случаи на шверц со над 27.000 парчиња лекови и медицинска опрема
-

До 13 часот регистрирани шест пожари на отворен простор, активен е еден, а четири се под контрола
-

Царинска управа најави засилени контроли на пловните објекти на Охридското Езеро
-

Сиљановска Давкова: Посетата на претседателката Друпади Мурму е важен исчекор во проширувањето и зајакнувањето на соработката со Индија
-

Археолошко богатство старо 2.300 години кај Младо Нагоричане сведочи за развиеното македонско кралство
-

Најчесто користени пин-кодови кои се цел на хакерите
