Археолошко богатство старо 2.300 години кај Младо Нагоричане сведочи за развиеното македонско кралство

Археолошкото одделение при НУ Музеј Куманово ги заврши истражувањата на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане, каде беа откриени значајни наоди кои укажуваат на постоење на ритуален простор од 4-3 век пред нашата ера.
Истражувањата, предводени од археологот Дејан Ѓеорѓиевски, биле насочени кон секторот „Долна тераса“, каде и претходно биле пронајдени конструкции всечени во карпа, камени тумули, вотивни садови и ритуални јами.

Најновите ископувања донеле нови докази дека просторот најверојатно бил место каде се изведувале антички обреди. Во близина на откриениот тумул биле пронајдени остатоци од градба со голем број фрагменти од питоси и други садови за складирање.
Особено значаен е наодот на питос со украс на устие, на кој е претставено женско божество, најверојатно Деметра, со рог на изобилие и сцена на либација – течна жртва.

Археолозите откриле и дел од ограден ѕид кој го одделувал просторот за обреди од останатиот дел од населбата, како и помала просторија поврзана со ритуални јадења или симпозиуми.
Меѓу пронајдените предмети има големо количество трпезна керамика од 4-3 век пр.н.е., дел од која била увезена, фрагменти од амфори, кантароси, хидрии, лампа и керамички фигурини.

Посебно внимание привлекуваат остатоците од украсен кревет – клине, со профилирани ногарки и аплика со претстава на божество кое држи фијала, ритуален сад за либација.
Од Музеј Куманово велат дека наодите, иако се од луксузен карактер, потекнуваат од скромна градба, но сепак укажуваат на високиот степен на развој на населбата и нејзината поврзаност со цивилизациските текови во рамките на македонското кралство.

Следните истражувања ќе бидат насочени кон дополнително проучување на откриените градби и проверка на можноста за постоење храм во овој дел од локалитетот.
Истражувањата се реализирани во рамки на Годишната програма за работа на НУ Музеј Куманово, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.

Ново на Сител
-

Се бара нов 48-часовен притвор за четворицата осомничени за разбојништвата со смртни последици во Ѓорче
-

ДИК на седница усвои барање за акредитација за набљудувачи на изборите во Брвеница
-

Мицкоски: Граѓаните на Брвеница да гласаат за проект повеќе и подобар живот, а не за етнички поделби
-

Полицајци фалсификувале службен извештај за контрола на седум возила, но возачите тврдат дека никој не ги запрел
-

72-годишен Французин починал на Кадиохирургија во Скопје
-

Двајца малолетници нападнале и ограбиле 62-годишен маж во Тетово, едниот го повредил со остар предмет
-

Брнабиќ ја повика Студентската листа што поскоро да формира власт
-

Николоски: Автопатот Скопје-Блаце директно не поврзува со пристаништето во Бар
