Ден Дончев недостапен, на останатите одземени пасошите за милионските злоупотреби со фондот и приватна очна болница
Полицијата, според информации на Сител, не може да го пронајде поранешниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, кој е осомничен за злоупотреби со фондот со кој раководеше и приватната очна болница Санте Плус.
За девет лица кои се осомничени дека очни интервенции наппаќале двојно, и од Фондот и лично од граѓаните, синоќа Кривичниот суд им одреди мерки на претпазливост.
До сега за органите на прогонот недостапни се две лица, известија од МВР.
Кривичниот суд им ги одзема пасошите на претседателот на Управниот одбор на очната болница Санте плус, Билал Кара како и на Гериана Арапи која се води како сопственик на болницата.
Не смеат да ја напуштат земјата и имаат обврска да се јавуваат редовно во судот.
По Билал Кара и Гериана Арапи потерница има распишано во Албанија, поради сомнежи за злоупотреби во работењето на приватната клиника Интернешнл Медикер, поранешна Санте Плус.
Според албанските медиуми, клиниката била блокирана поради сомнежи дека бил прикриен профит од околу еден милион евра.
При контролите, наводно, биле пронајдени лекови со истечен рок и шверцувани производи.
Од македонското Министерство за внатрешни работи не можат да споделат дали Кара е баран со потерница.
МВР не е во можност да споделува информации за одлуки на институции од други држави.
Европската очна болница во Скопје, во која се случувале злоупотребите е купена од Санте Плус групацијата.
На нивниот фејсбук профил напишаа:
- Со континуирани напори, ќе направиме сè што е во наша моќ вистината да излезе на виделина. Истовремено, ги уверуваме институциите дека сме подготвени за соработка, како и секогаш досега. Нашата установа никогаш не оштетила ниту еден пациент, ниту од здравствен, ниту од морален или финансиски аспект.
Премиерот Мицкоски вели жртви на злоупотреба се над 4.000 пациенти, за тоа мора да има одговорност.
Се прават проверки и на други установи кои соработуваат со Фондот.
Инаку Билал Кара пред три години беше именуван за почесен конзул на Македонија во Република Турција, со седиште во Измир.
Според кривичната пријава, Фондот за здравствено осигурување бил оштетен за околу 1,7 милиони евра, додека болницата се сомничи дека незаконски заработила нешто над 4 милиони евра.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
