Обвинетиот за потпалување на колите на бугарската амбасада призна вина
44 годишниот скопјанец, Игор Дашковски, кој ги поли со бензин а потоа и запали дипломатските возила на бугарската амбасада, призна вина.
Денеска за првпат седна во судница, обвинет е дека загрозил лица под меѓународна заштита, и на самиот почеток од судењето кажа дека се чувствува виновен и во целост ја признава вината.
Видот и висината на казната дополнително ќе ги одреди судот.
На 11 ноември ќе сведочи доктор кој правел психијатриско вештачење на обвинетиот.
Според обвинителството, Дашковски бил пресметлив, но кај него имало и пореметување на структурата на личноста.
„Има факти кои се изнесуваат во вештачењето во поглед на психичката состојба на обвинетиот. Па, откако ќе ги сослушаме и тие факти, ќе биде изведен како доказ вештиот наод и мислење во поглед на пресметливоста на обвинетиот. Тој, секако е пресметлив како личност, во состојба на пресметливост го сторил кривичното дело. Ќе ја сослушаме одлуката на судот и во поглед на казната“, изјави Катерина Коларевиќ, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
На судењето е повикан да дојде и претставник на амбасадата на Бугарија кој треба да каже дали бараат обвинетиот да ја надомести штетата.
Во текот на истрагата, обвинителството испитало неколкумина дипломати, додека Амбасадорот, Жељазко Радуков, писмено го известил обвинителството за предизвиканата штета, но, тогаш ниту еден од нив не побарал отштета за претрпениот страв и загриженост.
„Амбасадорот беше повикан во својство на претставник на Амбасадата, Амбасадорот или лице кое што тој ќе го овласти да се произнесе во поглед на настаната штета и предјавување на штетата. Беа испитани и лица кои се под меѓуанродна заштита, претставници на амбасадата и тие дадоа свој исказ кои како докази беа предложени пред судот“, изјави Коларевиќ.
Според обвинението, Дашковски на 15 јуни годинава околу пладне пристигнал на бензинската станица наспроти бугарската амбасада, бил облечен во маица со ликот на Гоце Делчев.
Во пластично шише купил бензин, ја преминал улицата па ги полил двете возила и ги потпалил.
Случајот го регистирале безбедносните камери на Амбасадата.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
