Од 1 мај ќе се лета од Скопје до Тиват, со автопатот Скопје - Блаце побрз пристап до пристаништето Бар
Од 1-ви мај догодина директна авиолинија Скопје-Тиват. Ќе сообраќа двапати неделно.
Се разгледува и можноста за нови линии од Скопје до Подгорица и од Тиват до Охрид. Ова го најави заменик претседателот на Владата, Николоски, по денешната билатерална средба со неговиот колега од Црна Гора, Филип Ивановиќ.
Двајцата очекуваат полесното поврзување да донесе повеќе туристи, но и да ја раздвижи економската соработка.
Паралелно, изградбата на автопатот Скопје – Блаце ќе овозможи побрз пристап до пристаништето Бар.
„Имајќи предвид дека веќе имаме добра поврзаност со пристаништето Солун, градиме поврзување со пристаништето Драч и со изградбата на овој автопат ќе имаме едно одлично поврзување и со пристаништето Бар и на тој начин го правиме она што е најдобро за државата, а тоа е како држава која што не излегува на море да имаме излез на најмлаку три пристаништа“, рече Николоски.
Двете влади договориле следната година да организираат бизнис-форум, на кој компаниите од Македонија и Црна Гора ќе можат да ги разгледаат можностите за заеднички проекти и инвестиции.
Политичките односи меѓу двете земји се оценети како одлични, без отворени прашања.
Црна Гора очекува членство во Европската Унија во 2028 година, а Ивановиќ најави дека земјата ќе биде силна поддршка за македонските евроинтеграции.
„Црна Гора се залага процесот на проширување да биде по заслуги и ЕУ не може да биде комплетна без сите држави од регионот. Затоа многу бргу кога Црна Гора ќе стане полноправна членка на Европската Унија ќе биде силна поддршка и на Северна Македонија во нејзиниот процес на евроинтеграција, со желба што побргу да се најдеме заедно таму“, кажа Ивановиќ.
Двајцата вицепремиери се согласни дека промената на власта во Србија не би требало да влијае врз реализацијата на стратешките проекти.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
