Нови можности за работна сила
Бизнис заедницата го поздравува новиот Закон за работнo ангажирање на лица кој ќе стартува од 01.01.2025 година и со кој во угостителството, земјоделието и услужните дејности во домаќинството ќе може сезонски работно да се ангажираат лица под 18 години, студенти, веќе вработени лица, пензионери, корисници на разна помош од државата без да го изгубат својот статус.
Но сепак бараат проширување на дејностите затоа што велат дека недостиг на работна рака има секаде.
„Се надеваме дека ќе излезат во пресрет на поголемите компании да можат и тие да ангажираат работно вакви сезонски вработувања, но исто така да се зголеми бројот на часови на работење. На овој начин ќе може да се ангажираат во угостителството повеќе работници, но сепак и во другите индустрии има потреба, во конзервната индустрија, во оние индустрии кои работат со сопствени производи во делот на пакувањето, има потреба и младите можат да бидат вработени во тој дел“, вели Никола Мариноски, претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.
Овој закон се носи пред се за сузбивање на сивата економија.
„Со овој Закон се предвидува да бидат работно ангажирани околу 10.000 лица во областа на земјоделието и околу 6-7.000 лица во областа на угостителството и услужните дејности во домаќинството. Бенефитот на државата секако е сузбивање на сивата економија, односно вработувањето на црно како што било досега, повеќе придонеси и полнење на буџетот на државата“, истакна Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.
Од 1 јануари покарј овој нов закон ќе започне и имплементација на новиот пилот проект за е - фактурирање.
„Двете мерки се заедно, мерки кои се со цел намалување на сивата економија, преку намалување на готовината што сега со користи за плаќање на неформално вработените, готовина која претставува неевидентиран промет, неевидентирани приходи“, додаде Елена Петрова, директорка на УЈП.
Од Министерството за економија и труд потенцираат дека во иднина ќе има можност за проширување на дејностите опфатени со овој закон, но прво да се види неговото функционира во овие првопфатени сектори.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
